Top Sport

Мурињо се жали: Рома не може да купи играч како Мудрик

Жозе Мурињо, тренерот кој потроши стотици милиони евра во трансфери како прв човек на Челси, Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, се пожали дека неговиот сегашен клуб, Рома, нема доволно пари за засилувања, споменувајќи го трансферот на Украинецот Михајло Мудрик од Шахтјор во Челси.

Иако 22-годишниот Мудрик јавно изразуваше желба да се приклучи на Арсенал, „топчиите“ не беа подготвени да платат 100 милиони евра (70 веднаш, 30 во бонуси), сума која не претставуваше проблем за Челси. Мурињо по вчерашната 2:0 победа над Фиорентина беше запрашан за потенцијалните засилувања на Рома во јануари.

„Не очекувам никој да пристигне. Директорот Тијаго Пинто беше директен и искрен во интервјуто какво што тренер не сака обично да чуе. Тренерите секогаш сакаат да имаат многу пари, да купуваат опција А, Б, Ц, Д, да градат тим. Тоа е сонот. Работев во клубови со такви речиси бесконечни буџети. Сега има се повеќе такви клубови, но ние не сме таков клуб. Работиме со тоа што го имаме. Мораме да најдеме решение за повредените, не можеме само да отидеме и да го купиме Мудрик за 100 милиони евра“, вели Мурињо.

Рома се седми во Серија А, израмнети со поени со Аталанта и Лацио и три поени зад Интер на четвртото место.

Scroll to Top