Top Sport

Галтие за поразот на ПСЖ го обвини Светското првенство во Катар

Работите не се розови во Париз по завршувањето на паузата од Светското првенство во 2022 година. ПСЖ го претрпе вториот пораз во Лига 1 во последните пет натпревари откако актуелниот шампион загуби со 1:0 од Рен. Претходно „светците“ загубија и од Ленс со 1:3 на 1 јануари.

Иако Кристоф Галтие не беше премногу загрижен по поразот, тој сподели дека неговиот тим треба да се подобри во неколку сегменти.

„Треба да си ја вратиме играта. Знаевме дека ќе биде тежок натпревар и тоа се потврди. Ја имавме топката, но не успеавме да ги заплашиме. Рен се одбрани со цврст бедем пред голот. Не сум загрижен, но треба да се разбудиме затоа што Светското првенство заврши. Осум недели сме расеани, па треба да ја вратиме кохезијата и темпото во играта. Тесно е на врвот на табелата, но не сум навикнат да го гледам рангирањето. Се фокусирам на работата“, изјави Галтие.

Водството на ПСЖ на врвот на табелата е намалено на само три бода. „Светците“ имаат 47 поени од 19 мечеви, на второто место е Ленс е со само три бода негатива, а Олимпик Марсеј заостанува пет бода.

Scroll to Top