Менаџерот на Тотенхем, Португалецот Жозе Мурињо направи прекрасен гест пред гостувањето на неговата екипа во Скопје, на утрешниот меч против тетовска Шкендија во рамки на третото квалификациско коло во Лига Европа.
Кога се чинеше дека сите новинари преку апликацијата „Зум“ ги поставија своите прашања до „Специјалниот“, а тој веќе тргна да ја напушта просторијата, се јави македонскиот новинар Игор Александровиќ, па Мурињо се врати за да го слушне и неговото прашање.
Александровиќ немаше прашање за стратегот, туку молба. Побара да се фотографира со Мурињо при неговиот престој во Скопје.
„Мојот покоен татко ми рече пред да почине да ве поздравам ако некогаш ве сретнам. Исто така, би ве замолил да се фотографираме ако одиграте добро затоа што тој е вашит најголем фан, па таа фотографија би ја врамил и би ја ставил на неговиот споменик“ – рече Александровиќ.
Мурињо веднаш прифати, а напомена и дека резултатот на мечот нема да зависи од тоа дали ќе се фотографираат или не.
Со овој потег Мурињо стекна дополнителни симпатии во македонската, но и во англиската јавност.
Top class for Jose ? pic.twitter.com/4Qo23P6jpf
— Tottenham News (@Spurs_fl) September 23, 2020
Инаку делегацијата на Тотенхем со чартер лет пристигнува вечерва, а не е предвиден тренинг на арената „Тодор Проески“. Нема да има ниту прес-конференција во Скопје.
Мечот меѓу Шкендија и Тотенхем започнува утре во 20 часот.