Top Sport

Мурињо: Второто место со Јунајтед е едно од моите најголеми достигнувања!

Тоа што требаше да биде партнерство од соништата, на крај се покажа како кошмар за Жозе Мурињо, но и за Манчестер јунајтед, но Португалецот вели дека во англискиот клуб го направил едно од најголемите остварувања во својата кариера – завршил како втор во сезоната 2017/18.

Минатата сезона Јунајтед беа само зад недостижните шампиони Манчестер сити, но тоа не го спаси Мурињо од отказ во декември по лошиот старт на 2018/19. Оттогаш, Јунајтед се „препородени“ под Оле Гунар Солскјер со шест победи во низа и со многу поатрактивна игра.

„Понекогаш мислиме дека ги гледаме работите, без да знаеме што се одвива зад сцената. А, тоа влијае на работата. Тоа е најглавното. Ако, на пример, ви кажам дека тоа беше една од моите најдобро завршени работи, тоа второ место со Манчестер јунајтед во Премиер лигата. Ќе кажете: ’Овој човек е луд, освои 25 титули и сега вели дека второто место е остварување’. Тоа го кажувам бидејќи луѓето не ја гледаат целосната слика, не гледаат што се случува зад сцената. Затоа анализите се поинакви“, вели Мурињо во интервју за „Бе-Ин спортс“.

Тој исто така останува на своето – дефанзивниот приод во Јунајтед бил вистинскиот.

„Лесно е да играш добро и да не победуваш. Лесно е да си зад идеја за одреден тип на фудбал без резултати. А луѓето кои победуваат постојано, размислуваат поинаку. Ако зборувате за Пеп Гвардиола, за Карло Анчелоти, луѓе со кариера на победи, тие мислат на одбраната“, додава Португалецот.

Scroll to Top