Top Sport

Мустафи: Не сум вториот најлош дефанзивец на светот

Дефанзивецот на Арсенал, Шкодран Мустафи реагираше на тврдењето дека е „втор најлош одбранбен фудбалер на светот“.

27-годишниот Германец во избор на шпанскиот весник „Марка“ во анкета на над 150.000 луѓе беше избран за втор најлош дефанзивец зад Фил Џонс од Манчестер јунајтед.  Мустафи признава дека последната година неговата форма не е најдобра, но вели дека гласањето не влијае на него.

„Во првите две години од трансферот во Арсенал во 2016, работите одеа многу добро за мене. Но, околу Божиќ во 2018 имаше мали проблеми, направив неколку грешки и медиумите направија помпа каква што не сум искусил“, вели Мустафи во интервју за „Дер шпигел“.

Еден меч посебно беше кошмарен за Мустафи – 5:1 поразот од Ливерпул во декември 2018, но тој вели дека не бил подготвен за игра, но решил да помогне на менаџерот Унаи Емери.

„Тогаш пропуштив три недели поради повреда и влегов во мечот без тренинг бидејќи му требав на тренерот. На полувреме беше 4:1, имав неколку лоши моменти и повторно се повредив. Потоа добив неверојатно многу негативни коментари од навивачите на Арсенал на Твитер. Можам да се справам со критиките, но сега тие прераснаа во нереални забелешки, станав мета на навивачите и на медиумите. Имаше меч во кој не играв, а ме обвинуваа за поразот. Но, јас сум ментално силен, и сфатив дека коментарите на социјалните мрежи немаат врска со спортот, туку само да се дискредитира фудбалерот. Тоа што е на Интернет, никогаш нема да исчезне и се плашам дека тоа ќе влијае на моите деца“, открива Мустафи.

Scroll to Top