Многу пати е прераскажана приказната дека првиот договор помеѓу Лионел Меси, кој тогаш имал 12 години, и Барселона бил потпишан на салфета.
На тоа парче хартија во еден ресторан, тренерите Хосеп Марија Мингела, Карлес Рексач и менаџерот Хорацио Гаџиоли се обврзаа да исполнат различни услови кон семејството Меси, само Лионел да дојде во Барселона и да ја продолжи кариерата во тој клуб.
Датумот напишан на салфетката е 14 декември 2000 година.
Сега таа салфета оди на аукција. На аукција ја стави менаџерот Гаџоли, кој по неколку обиди не успеа да се договори со Барселона, скапоценото парче хартија да се најде во клупскиот музеј.
Откако не успеа да постигне договор со Барселона, Гаџиоли ја ангажираше британската компанија Бонамс, која ќе организира аукција и ќе го стави на аукција првиот договор на Меси. Се очекува почетната цена да биде 350.000 евра. Се верува дека во аукцијата ќе се вклучи и фудбалскиот клуб Барселона.
„Ова е еден од највозбудливите предмети што некогаш сум ги држел во рака. Да, тоа е обична салфетка, но е толку позната затоа што го означи почетокот на кариерата на Лионел Меси. Таа му го промени животот и беше клучна во создавањето на некои од најголемите моменти за милијарди фудбалски фанови ширум светот“, рече претставникот на Бонамс, Јан Елинг.