Кога ќе се спомене името на Никлас Бендтнер, секогаш имате пред себе претстава на некоја нова глупост која ја направил данскиот „Лорд“, кој својот талент го надополни со бизарни конфликти, испади и прекршоци.
Овојпат, повторно му се заканува затворска казна, овојпат од 20 дена, доколку не ги плати седумте сообраќајни казни во Копехаген, во височина од 5.000 евра, откако беше осуден во отсуство – двапати возел пребрзо и петпати возел без дозвола во последната година. 33-годишниот поранешен фудбалер на Арсенал исто така мора да го предаде своето Порше Тајчан Турбо С, вредно околу 250.000 евра.
Самиот Бендтнер тврди дека негоата дозвола издадена во Велика Британија му дозволува да вози и во Данска, но судијата очигледно не сметаше така. Бендтнер во 2018 година веќе отслужи 50-дневна затворска казна (иако во домашен притвор) поради напад на таксист. Пред осум години пак, тој доби забрана за управување на моторни возила на три години поради возење во алкохолизирана состојба.
Инаку, Бендтнер се пензионираше од фудбалот во јуни, откако последен пат играше за данскиот четвртолигаш Тарнби пред 14 месеци.