Top Sport

На денешен ден е роден големиот Диего Армандо Марадона

На денешен ден во 1960 година е роден за многумина најголемиот фудбалер на сите времиња, Диего Армандо Марадона. Иако потекнуваше од сиромашно семејство каде децата сонуваа да завршат училиште, брзо стана јасно дека вистинската судбина на „златното“ момче е всушност фудбалот.

Диего на девет години се приклучи на тимот на „Little Onion”, а на 15 години доби можност професионално да игра за Аргентинос јуниорс. По пет сезони минати во овој клуб, Марадона за четири милиони долари се пресели во Бока јуниорс, клуб кој секогаш го обожувал.

Иако во Аргентина, во тие години беше исклучително тешко да се живее (само) од играње фудбал, Диего ја одби понудата на Ривер, најголемиот ривал на Бока.

Неговата магија брзо го освои светот, прво Шпанија кога се пресели во Барселона за тогаш рекордни седум и пол милиони долари. Марадона стана легенда на овој клуб и остави неизбришлива трага со 38 гола на 58 натпревари во само две сезони.

Иако Барселона беше воодушевена од неговиот талент, челниците на клубот не можеа да го контролираат неговиот карактер, па инцидентот во финалето на Купот на Кралот против Атлетик Билбао го означи крајот на неговата кариера во Барселона.

После тоа Марадона се пресели во Наполи за рекордна сума од 10,5 милиони долари. Наполи не беше клубот каков што е денес, но под водство на Марадона стана сила во Италија и Европа.

Тој освои две титули и стана симбол на јужна Италија, која беше сиромашна како неговото семејство од детството. Животната приказна на малиот Аргентинец кој од сиромаштија се искачи на фудбалскиот врв, беше поттик за луѓето во различни делови на светот.

Марадона играше за аргентинската репрезентација на четири светски првенства, а неговата „божја рака“ остана запаметена како еден од најпознатите моменти во историјата на фудбалот.

Тој ја предводеше репрезентацијата до трофејот на Светското првенство во 1986 година, што го направи идол на нацијата. Во текот на кариерата Марадона настапи на 680 натпревари и постигна 345 голови, а за Аргентина одигра 91 натпревар, постигна 34 голови.

Богатата кариера на еден од најдобрите спортисти на сите времиња ја одбележаа контроверзни приказни, меѓу кои и контакти со мафијата и зависноста од кокаинот.

Талентот и страста што ги донесе на теренот останаа запаметени, многу повеќе од било што друго што го следеше.

Трагично, Диего Марадона почина на 25 ноември во Тигре од срцев удар, неколку недели по операцијата на мозокот. Лекарите кои беа задолжени за неговото лекување сега се под истрага за можни грешки при тој процес.

Scroll to Top