Top Sport

На Италијанците им дојде преку глава од грешките и арогантноста на Донарума

Италијанските медиуми, но и голем број на корисници на социјалните мрежи се свртеа против голманот Џанлуиџи Донарума по неговите грешки при тешкиот 5:2 пораз од Германија, но и однесувањето при легитимните прашања од новинарите по мечот.

По поразот, новинарката Тицијана Ала го запраша Донарума за грешките со топката во неговите нозе, посебно бидејќи последниот петти гол падна по неговата грешка.

„Кога се случило тоа претходно? Кога бев фаулиран против Реал Марид? Ако сакате да правите контроверзи околу овие работи, тогаш добро, јас сум тука да зборувам за тимот. Ако ме обвинувате мене, ќе ја преземам вината, бидејќи јас сум капитен и одам со крената глава“, изјави луто 22-годишниот голман на Пари Сен-Жермен.

„Калчомеркато“ го нарече Донарума „арогантен“, додека уредникот на „Ла газета дело спорт“, Стефано Агрести посочи дека тој мора да го смени „своето однесување“ кога ја има топката в нозе и да ги прифати критиките. Сандро Пичинини, еден од најпознатите италијански новинари вели дека Донарума „не е способен да ги сфати своите грешки“, фалејќи ја Ала за професионалниот однос.

И фановите на социјалните мрежи не беа импресионирани од голманот кој беше прогласен за најдобар голман во француската Лига 1 со ПСЖ. Овојпат, критиките доаѓаат и од други правци, за разлика од претходно кога најгласни беа навивачите на Милан, кои уште го сметаат за „предавник“ за заминувањето од клубот.

Scroll to Top