Легендарниот бразилски фудбалски магионичар, Роналдињо, успеал да заработи над 5 милиони бразилски реали (над 800.000 евра) откако излезе од парагвајскиот затвор, и во исто време да стане почесен граѓанин на Бело Хоризонте и да се сретне со бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, јавува бразилската верзија на шпанскиот весник „Ел паис“.
40-годишниот Роналдињо беше уапсен во Парагвај минатата година покрај неговиот постар брат Роберто де Асис Мореира, за користење на фалсификувани парагвајски пасоши со цел отварање на коцкарници во оваа земја, бидејќи во Бразил тие се нелегални.
Тој помина одредено време во вистински затвор, пред да биде префрлен во „домашен притвор“ во локалниот хотел, за на крајот да биде ослободен со казна од 200.000 долари за двајцата браќа. Тогаш се тврдеше дека тој на својата сметка имал само 5 долари и дека бил блиску до банкрот.
Меѓутоа, според „Ел паис“, во последните четири месеци, од излегувањето од затвор, тој успеал да заработи 5 милиони бразилски реали, откако учествуваше во промоција на новиот стадион на Атлетико Минеиро и беше прогласен за почесен граѓанин на Бело Хоризонте. Во градот тој отворил музичко студио и веќе снимил песна со раперот Џонга, промовирал свој бренд на џин „R-ONE“, како и бренд на вино (Vino de Campeones). Роналдињо работел во рекламна промоција на апликацијата за патување „Бусер“, како и заштитно лице на компанијата за обложување „Беткрис“.
Роналдињо исто така се сретнал со бразилскиот претседател Жаир Болсонаро, кој ја потврдил неговата улога како „туристички амбасадор“ на Бразил. Во 2021 година, во кината ќе излезе неговиот автобиографски филм, така што работите навистина му „тргнаа“.