Јулијан Нагелсман доби отказ од Баерн Минхен, но талентираниот млад стратег би можел многу брзо да пронајде нов предизвик. За него се заинтересирани клубови од Премиерлигата, а медиумите на Островот најавуваат дека е најблиску до „Стемфорд бриџ“.
Грем Потер сѐ уште ја има поддршката од раководството на Челси, но далеку од тоа дека импресионираше откако го презеде кормилото на лондонскиот гигант. Оттаму и најавите дека тој ќе мора да си замине по завршувањето на сезоната, а сега Нагелсман е претставен како негова идеална замена.
Челси потроши огромни пари на нови засилувања по доаѓањето на Тод Боели, а засега од тоа не се забележа голем напредок. Токму Нагелсман би можел да го добие проектот за развивање на тимот на „Стемфорд бриџ“ од почетокот на следната сезона.