Top Sport

Наинголан: Каљари ме предадоа и ме напуштија

Белгискиот ас Раџа Наинголан вели дека се чувствува „предаден и напуштен“ од Каљари откако го раскина договорот со Интер и се врати во својата татковина во Антверпен.

Ветеранот вели дека чекал со месеци двата италијански клубови да се договорат, пред да го раскине договорот со Интер, и неочекувано да се упати во белгиската Јупилер лига.

„Каљари беа мојот приоритет, се откажав од многу пари да го изберам тој клуб и на крај… Претседателот Томасо Џулини и спортскиот директор Стефано Капоцука откако дознаа што сакам, исчезнаа. Ме напуштија“, вели Наинголан за италијанскиот весник „Унионе Сарда“.

33-годишниот трипати беше во клубот од Сардинија – од 2010 до 2014, потоа на позајмица во 2019/20 и повторно од јануари 2021.

„Каљари пред една година ја зголемија платата со големи имиња, но потоа парите ги снема и не можеа да продолжат така. Ме предадоа, се чувствувам разочаран. Се откажав од многу работи за да го носам дресот на Каљари, но не ме сакаа. Сметаа дека сигурно ќе се вратам. Останав во контакт со тимот, мојата желба беше јасна и ја докажав љубовта кон Каљари. За жал, некои луѓе бргу забораваат во светот на фудбалот“, додава Наинголан.

Каљари има многу проблеми пред стартот на сезоната – на Диего Годин му порачаа да си бара нов клуб, додека Нахитан Нандез одбива да тренира откако му било ветен трансфер во Интер.

Scroll to Top