Претседателот на Лил, Жерар Лопез, во интервју за „Туто спорт“, признал дека прифатил 80 милиони евра колку што Наполи понудиле за крилниот напаѓач, Николас Пепе. Тој дополнил дека доколку Наполи се договори со фудбалерот трансферот ќе биде реализиран.
„Рафаел Леао и Пепе? Добивме многу понуди за нив. Имаше многу понуди за нашите талентирани момци. Дали се на продажба? Му ветивме на Пепе дека ќе го продадеме ова лето. Со Леао ситуацијата е малку поинаква, сакавме да го задржиме, но за него добивме многу повеќе понуди“, рекол Лопез и дополнил.
„Наполи сакаат да ги донесат двајцата, а понудата што ја испратија за Пепе од 80 милиони евра ја прифативме. Сега Пепе треба да реши дали ќе оди таму. В понеделник се враќа од одморот и потоа ќе ги имаме сите одговори.“
Пепе, репрезентативец на Брегот на Слоновата коска, досега се поврзуваше со Ливерпул, Евертон и Баерн Минхен.
Крилниот напаѓач минатата сезона за францускиот вице-првак забележа 22 гола и 11 асистенции.