Top Sport

Наполи утна пенал, Јуве го освои „Сан Паоло“ (видео)

Јувентус стигна до 2:1 победа на гостувањето во Неапол на „Сан Паоло“ за практично да ја запечати титулата во Серија А, откако Лоренцо Инсиње утна пенал во 83. минута од мечот комплетирајќи ја вечерта во која домаќините имаа повеќе од играта, но поените патуваат во Торино.

Првото полувреме беше посебно сурово за Наполи, откако мечот им беше уништен од голманот Алекс Мерет, кој во 25. минута го собори Роналдо надвор од шестнаесетникот и доби црвен картон. Дискутабилно е колку имаше контакт во овој старт.

Со ова се дозволи Јуве да тргне во напад и само три минути подоцна Миралем Пјаниќ донесе водство од 0:1, а Емре Џан во 39. минута зголеми на 0:2.

Мечот, сепак, доби поинаква димензија откако силите на теренот се израмнија по вториот жолт картон за Пјаниќ и двата тима останаа по 10 фудбалери. Карло Анчелоти реши да тргне по победа и го внесе Дрис Мертенс во игра и во 61. минута Калехон намали на 1:2. Шансата за изамнување дојде во 83. минута откако Алекс Сандро играше со рака во шестнаесетникот, но Инсиње беше трагичарот и ја погоди стативата, па Шчесни.

Јуве не дозволи нова шанса и сега има предност од фантастични 16 поени пред Наполи на врвот на Серија А, практично обезбедувајќи ја својата осма титула во низа.

Фото: ЕПА

Scroll to Top