Фудбалерите на Интер не реагираа добро по шокантната елиминација од Атлетико Мадрид на пенали во осминафиналето на Лигата на шампионите во средата навечер.
Вечерва на домашен терен го надигра Наполи, но не го совлада, беше 1:1, во дербито од 29. коло од Серија А.
Ова беше дуел на актуелниот и идниот шампион на Италија, бидејќи реално нема дилема дека Интер наскоро ќе го наследи тимот од Неапол на тронот.
„Нероаѕурите“ ја прекинаа големата серија и не успеаја да го забележат 11. последователен првенствен триумф, па сега водат на табелата со 76 бодови, 14 повеќе од второпласираниот Милан.
Наполи е седми со 45 бодови и е на минус шест од петтото место кое најверојатно ќе го води во Лигата на шампионите следната сезона.
Избраниците на Симоне Инзаги беа подобри, ја контролираа ситуацијата во поголемиот дел од натпреварот, но не победија.
Дармијан му донесе предност на Интер во 43.минута.
Наполи немаше одговор во ритамот на Интер, но некако најде „здив“ во самиот финиш и успеа да изедначи преку Хуан Жесус, кој само се наведна на втората статива и му даде гол на својот поранешен клуб, за 1: 1.
До крајот Тирам имаше добра шанса за триумф на Интер, но не беше прецизен.