Мечот Англија-Иран покрај тоа што ни донесе осум гола (6:2 победа на Англија), исто така имаше зачудувачки 27 минути продолжување во двеете полувремиња, што значеше дека мечот траеше 117 минути.
Во првото полувреме беа додени 14 минути игра, што можеби беше разбирливо, бидејќи мечот беше во прекин подолго време по повредата на иранскиот голман Алиреза Беираванд. Интервенцијата на медицинскиот тим и замената траеја 8 минути. Покрај ова, во второто полувреме се играа дополнителни 13 минути, поради замените, повредата на Хери Мегваер, како и пеналот за Иран кој беше досуден во последните минути од предвидените 10 минути.
Ова доаѓа откако шефот на судиите во Катар, Пјерлуиџи Колина ги предупреди играчите да се подготват за подолго продолжување на мечевите.
„Прославите можат да траат една или една и пол минута. Лесно е да се загубат три-четири минути на славење, така што тоа мора да се надополни на крајот“, вели Колина.