Top Sport

Не му доаѓа памет! Џои Бартон го „нокаутирал“ менаџерот на Барнсли

Полицијата на Јоркшир потврди дека го истражува инцидентот кој се случил во тунелот по мечот Барнсли-Флитвуд во англиската трета лига, кога менаџерот на Флитвуд, проблематичниот Џои Бартон наводно го нокаутирал менаџерот на ривалите Даниел Стендел по 4:2 победата на домаќините.

Напаѓачот на Барнсли, Коли Вудроу на Твитер напиша дека неговиот менаџер Стендел останал со „крв на лицето“ по нападот на Бартон, но потоа ја избриша пораката од Твитер.

Ова е само еден од низата на инцидентите кои ја одбележија кариерата на Бартон, но повеќето се случија додека тој беше фудбалер. Во декември 2004 година, тој изгасна цигара од окото на својот тогашен колега од Манчестер сити, Џејми Танди, кој подоцна го тужеше Бартон и доби 65.000 фунти отштета. Во јули 2005, тој се тепаше со 15-годишен навивач на Евертон во хотелот на Сити во Бангкок, а во мај 2007 беше суспендиран од „граѓаните“ по нападот над Усман Дабо, кој заврши во болница. За ова тој доби четиримесечна условна казна затвор за напад.

Во 2012 година, како фудбалер на Квинс парк ренџерс, тој има легендарен меч против својот поранешен клуб Манчестер сити – добива црвен картон за удар со лакт на Карлос  Тевез, во меч во кој претходно со колено го удри Серхио Агуеро, а се обиде и со глава да го удри Винсен Компани. За ова тој доби суспензија од 12 меча. За крај, тој во 2017 добива 18-месечна суспензија откако призна дека се обложувал на голем број на фудбалски мечеви.

Scroll to Top