Top Sport

Нејмар го спасил Дани Алвеш од поголема затворска казна

Поранешниот бразилски репрезентативец Дани Алвеш, вчера беше осуден на затворска казна од четири ипол години. Алвеш силувал девојка во ноќен клуб во Барселона ноќта меѓу 30 и 31 декември 2022 година.

Станува збор за првостепена одлука против која Дани Алвеш ќе поднесе жалба, но тешко дека ќе може значително да ја намали казната, бидејќи добил многу помалку отколку што побарале адвокатите на силуваната девојка (12 години), односно обвинителството (девет години).

Според информациите на бразилските медиуми, од поголема казна Дани Алвеш го спасил неговиот голем пријател Нејмар. На жртвата пред судењето и биле исплатени 150.000 евра, а тие пари ги дал Нејмар, а исто така во одбраната на Дани Алвеш бил и беговиот адвокат Густаво Сист, вработен во компанијата на таткото на Нејмар.

Според шпанскиот закон, исплата на отштета пред судењето се смета за „олеснителна околност“, поради што Дани Алвеш добил помала затворска казна.

Адвокатите подготвуваат жалба, но Алвеш ќе остане во затвор бидејќи постои опасност тој да избега во Бразил. Шпанија и Бразил немаат потпишано договор за екстрадиција.

Бразилскиот фудбалер (40) е еден од најдобрите десни бекови на сите времиња и втор најтрофеен фудбалер во историјата на овој спорт. Во кариерата тој освои 44 трофеи, вклучувајќи три Лига на шампиони со Барселона и две Копа Америка со Бразил.

Scroll to Top