Тренерот на фудбалерите на ПСЖ, Томас Тухел, открил дека напаѓачите Нејмар и Килијан Мбапе се рехабилитирале од повредите. Тој потврдил дека двајцата ќе играат вечерва против Ливерпул.
Напаѓачите на ПСЖ се здобија со повреди настапувајќи за своите репрезентации на пријателските натпревари. Нејмар ја повреди ногата на мечот Бразил-Камерун, а Мбапе имаше проблеми со рамото по дуелот Франција-Уругвај.
„Нејмар и Мбапе се физички подготвени, во добра состојба се и ќе бидат во првите 11 против Ливерпул“, рекол Тухел.
Германскиот тренер рекол дека одбраната ќе биде клучен фактор на овој натпревар.
„Ќе мораме добро да се браниме. (Роберто) Фирмино може да игра на секоја позиција, способен е да го менува ритамот, поради тоа ќе мора да играме сигурно и константно да напаѓаме. Ливерпул е еден од најдобрите европски тимови, вицепрвак од минатата сезона, но ние играме на домашен терен, подготвени сме и знаеме дека мора да го дадеме максимумот“, рекол Тухел.
ПСЖ, во Ц-групата, се наоѓа на третото место на табелата со пет бода, еден помалку од Ливерпул и Наполи и бод повеќе од Црвена ѕвезда.
Натпреварот помеѓу ПСЖ и Ливерпул, на „Паркот на принцовите“ ќе започне во 21 часот.