Нејмар ги отфрли сите шпекулации дека се подготвува за заминување од Пари Сен-Жермен, велејќи дека има предизвик со францускиот клуб да се искачи на врвот на Европа.
26-годишниот Бразилец немаше најдобар Мундијал, откако неговата репрезентација загуби од Белгија во четврт-финалето, а повторно беше споменуван како можна цел на Реал Мадрид, откако од клубот замина Кристијано Роналдо. Сега, Бразилецот вели дека има предизвик пред себе.
„Ќе останам во Париз. Имам договор со ПСЖ и решив да отидам таму поради предизвикот, поради новите работи и поради повисоките цели. Не го сменив мислењето. Се надевам на успешна сезона со многу трофеи. Медиумите сакаат да прават шпекулации, но тие кои ме знаат, точно знаат што мислам за ПСЖ“, вели Нејмар во интервју за „Фокс спортс“.
И неговиот соиграч, Килијан Мбапе, најдобриот млад фудбалер на СП во Русија, беше поврзуван со Мадрид, но Нејмар вели дека едвај ја чека шансата да игра покрај него со новиот менаџер, Германецот Томас Тухел.
„Тој е вистински феномен, голем играч на 19 години. Го знаевме тоа одамна, бидејќи со него сум секој ден и го знам квалитетот. Ќе биде прекрасно да се сретнеме повторно и зборувавме секојдневно за време на СП. Исто така, голема чест е што ќе ја делам соблекувалната со голман како Џанлуиџи Буфон, поради неговите успеси и неговата личност. Тој има многу да ни понуди“, вели Нејмар.