Top Sport

Ни Погба не помогна! Последниот Вотфорд го „матираше“ Јунајтед (видео)

Манчестер јунајтед последните десетина дена успеаја да ги победат Тотенхем и Челси, но затоа беа немоќни на гостувањето на „Викариџ роуд“, каде што последнопласираниот Вотфорд успеа да стигне до својата прва победа на домашен терен од 2 април оваа година и само втора победа во последните 22 меча во Премиер лигата.

На тимот на Оле Гунар Солскјер не му помогна ниту неочекуваното враќање во игра на Пол Погба, кој влезе како замена кога резултатот веќе беше 2:0.

По очајното прво полувреме со малку фудбал на двете страни, мечот беше одлучен во само пет минути на почетокот на второто полувреме. Сенегалскиот напаѓач Исмаила Сар во 50. минута ја искористи катастрофалната реакција на Давид де Хеа да ги донесе „стршените“ во водство.

Кога се мислеше дека Јунајтед ќе тргне во напад по израмнувачки гол и победа, беше досуден пенал за Вотфорд во 54. минута по стартот на Арон Ван-Бисака, и Трој Дини беше сигурен од белата точка за свој прв гол оваа сезона.

Јунајтед остануваат осми на табелата со 25 поени (колку што има и деветтопласираниот Њукасл), додека Вотфорд уште се последни со 12 поени, сега израмнети со претпоследните Норич, и на шест поени од безбедната зона.

Scroll to Top