Top Sport

Нико Ковач не се плаши од отказ

Нико Ковач не верува дека е блиску до отказ од Баерн Минхен, откако беше критикуван од претседателот на клубот, Карл-Хајнц Румениге, иако признава дека неговиот тим мора да игра подобро.

Баерн стигна до 3:2 победа над Олимпијакос за да го заддржат совршениот старт во Лигата на шампионите, но ова не ги разубеди критичарите на тимот и по мечот самиот Румениге изјави дека Баерн играат „премногу неконтролирано“ најавувајќи проблематични резултати, откако претходно одиграа нерешено со Аугзбург во Бундеслигата.

48-годишниот хрватски тренер подолго време е на удар на критичарите во Германија, но тој не е вознемирен од шпекулациите.

„Кога тој зборуваше за неконтролираност, сите знаеме на што мислеше. Сите очекуваат победи и убав фудбал. И јас го очекувам тоа, но не е можно секогаш да има убав фудбал. Прво, најважни се резултатите. Во моментов имаме проблеми со одбраната, правиме премногу грешки и тоа мора да го намалиме. Искуството во Баерн оваа година ми помогна многу да ја добијам релаксираноста“, вели Ковач.

Ковач не е единствениот тренер од Бундеслигата под притисок, откако шпекулациите велат дека Борусија Дортмунд сакаат да го сменат Лусиен Фавр со Жозе Мурињо. Баерн и Борусија се среќаваат за две недели.

„Само во осмо коло сме и иднините на тренерите се неизвесни. Сите зборуваме за почит, но ова нема врска со почитта. Лусиен има ист број на поени како нас, загуби еднаш во Лигата на шампионите и веќе му барате замена. Не го сфаќам тоа“, вели Ковач.

Scroll to Top