Интер и Милан имаат идеја да го сменат стадионот „Џузепе Меаца“ или „Сан Сиро“. Според идејата на овие два клуба, легендарниот објект треба да биде заменет со нов стадион кој би се изградил речиси на истото место.
Но, за рушење на стадионот, потребна е специјална дозвола од италијанските власти. Секретарот за култура Виторио Сгарби вели дека уривањето на „Меаца“ не може да се случи.
„Никогаш нема да го дозволиме тоа. Нема да ја направиме таа грешка. Никој нема да го чепне стадионот, тоа не вели Сгарба, туку законот. Тоа би било како да се сруши објект од големо значење во Рим. Не може да се урне по 70 години“, изјави за АНСА потсекретарот за култура во Владата на Италија, Виторио Сгарби.
Тој вели и дека на Интер и Милан ќе им треба дозвола од министер во италијанската влада за да го урнат стадионот, што никогаш нема да се случи.
Поранешниот премиер и екс-претседател на Милан, Силвио Берлускони исто така изјави дека стадионот не треба да се урива.
„Тој мора да биде заштитен. Тој е историјата на Милано и италијанскиот фудбал. Не можете да уништите таков спонеик, кој е и симбол на Италија“, вели Берлускони.
Интер и Милан имаат желба, новиот стадион да се гради на неколку метри до сегашниот, а сегашниот да стане паркинг, што често се прави, на пример, во САД. Друга опција за овие клубови е да изградат стадион во Сесто Сан Џовани, кој е малку надвор од градот.