Контроверзното владеење на Мајк Ешли над Њукасл јунајтед се доближува до својот крај, откако „Би-би-си“ потврди дека досегашниот газда веќе склучил договор со потенцијалниот купувач, инвеститорката Аманда Стејвели.
Стејвели е претставник на инвеститорската групација во која е и државната фондација на Саудиска Арабија и компанијата Ројбен брадерс, а сумата за која се зборува е околу 300 милиони фунти. Договорот од 31 страници, кој веќе е ратификуван поставува легална рамка за потенцијалниот договор, а веќе е информирана и Премиер лигата, која треба да даде конечно зелено светло.
Ешли, кој го презеде клубот во 2007 година, постојано беше критикуван за недостаток на амбиција на клубот, а тој уште од октомври 2017 година се обидуваше да пронајде купувач за „свраките“.