Навивачите на Реал Мадрид никако да го видат својот тим во вистинско светло. Откако пред три дена одиграа само 2:2 на гостувањето кај Вилјарел, „кралскиот клуб“ повторно загуби поени кои требаше лесно да ги освои откако Реал Сосиедад дојде до изненадувачка 0:2 победа на „Бернабеу“.
Мечот започна лошо за тимот на Сантијаго Солари, откако Касемиро го собори Мерино во шестнаесетникот уште во третата минута од мечот, а Вилијан Жозе беше сигурен од белата точка.
Реал безуспешно се обидуваше да се врати во игра, а тоа стана потешко откако Лукас доби втор жолт картон во 61. минута од мечот. За зголемување на мизеријата Рубен Пардо во 83. минута го постигна и вториот гол за баскискиот клуб.
Со овој резултат, Реал Мадрид останува на петтото место на табелата со 30 поени, и лидерот Барселона доколку победи вечерва кај Хетафе може да дојде на +10 пред својот вечен ривал.
Фото: ЕПА