Пеп Гвардиола својата фудбалска кариера ја заврши со краток настап за мексиканскиот клуб Дорадос де Синалоа, клуб кој повторно се најде на насловните страници поради Диего Марадона, кој сега е нов тренер на клубот.
Во интервју за „ЕСПН“, Елисео „Чево“ Мартинез, човекот кој работи како домар на клубот, се потсети на Гвардиола и неговиот карактер, бидејќи тој бил задолжен да му помогне на Каталонецот додека играл за мексиканскиот клуб.
„Искрено, кога пристигна, не знаев за кого се работи, и почнав да се распрашувам. Кога го забележав како игра со топката, беше импресивно. Пеп беше многу дарежлив човек. Се сеќавам дека ми даваше коверти со пари внатре за да ги поделам на луѓето кои му помогнаа во клубот“, вели Мартинез.
Очигледно, уште тогаш, Гвардиола работел на анализирање на фудбалската игра подготвувајќи се да стане тренер.
„Тој внимаваше на секој детаљ и постојано читаше. Слободното време го поминуваше гледајќи фудбал, читајќи магазини и весници и зборувајќи за фудбалот. Секој ден му ги купував фудбалските магазини од Мексико. Дури кога си замина, ме задолжи да му пратам три големи пакети со магазини во Шпанија. Навистина сакаше да учи“, додава Мартинез.