Аталанта се пласираше во четврт-финалето на Купот на Италија со ново гол-шоу во Бергамо, победувајќи ја Специја со 5:2, неколку дена откако со 8:2 ја декласираа Салернитана во текот на викендот. Следен противник на Аталанта е Интер.
Аталанта дојде до рано водство со двата гола на Адемола Лукмаан во 10. и 12. минута. Специја се вратија во 14. минута преку убавиот гол на шведскиот ветеран Албин Екдал. Во 27. минута Аталанта врати два гола предност со голот на Ханс Хатебер, но пред полувремето, Специја повторно врати еден гол, кога по лошата реакција на одбраната Даниеле Верде намали на 3:2.
Во второто полувреме, „Ла деа“ ја покажа силата со прекрасниот гол на Расмус Хојлунд (72.) и со автоголот на Итан Емпаду во финишт на мечот.