Top Sport

Одбиена жалбата на Јувентус! Титулата од 2005/06 останува кај Интер

Жалбата на Јувентус околу одземањето на титулата од 2005/06 е отфрлена од Врховниот суд на Италија, кој одлучи дека се работи за спортски проблем, со што титулата остана кај Интер.

Јувентус ги загуби титулите од 2004/05 и 2005/06 поради скандалот „Калчополи“ со местење на натпревари, по што беа исфрлени во Серија Б. За 2004/05 титулата остана „празна“, односно без шампион, но втората титула беше контроверзно доделена на Интер, кои во 2011 година беа обвинети за слични престапи како тие на Јувентус, но случајот беше отфрлен бидејќи беше застарен.

Интер таа сезона заврши на третото место, зад Јувентус и Милан, но и соседите од „Сан Сиро“ беа казнети поради „Калчополи“.

Јувентус побара да му се одземе титулата на Интер од 2006, но Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) одлучи дека поминало премногу време за одлука. Јуве по ова се жалеа на суд, кој се прогласи дека нема јурисдикција околу спортските федерации, а сега се отфрли и жалбата пред Врховниот суд.

Веднаш се јави поранешниот претседател на Интер, Масимо Морати, кој посочи дека фановите на Јувентус мораат да ја прифатат конечната одлука.

„Тоа е сосема нормално. Во секој случај тоа е добро, бидејќи тоа беше гарантирано скудето за нас. Фановите на Јувентус мораат да го прифатат тоа. Тоа е реалноста“, вели Морати.

Јувентус постојано си ги смета титулите освоени тие две сезони и тие тврдат дека имаат 36 освоени скудета, а не 34.

Scroll to Top