Top Sport

Одеднаш, сите го сакаат Кристијан Ериксен

Кога беше најпотребен на неговата земја, Кристијан Ериксен го одигра можеби најдобриот меч во данскиот дрес за со хет-трик да биде архитект на 5:1 победата над Република Ирска во Даблин и да ги заинтересира сите фудбалски менаџери и мешетари.

Плејмејкерот на Тотенхем постигна три одлични гола во 75. настап за Данска, за веднаш да се зголемат шпекулациите за брзиот трансфер во Барселона, откако навивачите на „спарси“ подолго време се плашат за својот играч.

Според „Мундо депортиво“, Барселона би сакал да го види Ериксен во својот состав, но проблем е тоа што Тотенхем се упорни и не планираат да го продадат. Техничкиот секретар на „Блауграна“, Роберт Фернандес е човекот кој најмногу сака да го види Ериксен во Каталонија, и интересно беше присутен при 3:1 победата на Тотенхем над Реал Мадрид, иако тогаш се веруваше дека ги следи Деле Али или Хери Кејн.

„Мундо депортиво“ оди понатаму и го цитира претседателот на Тотенхем, Даниел Леви, кој е познат како „опасен“ преговарач.

„Ако ПСЖ платија 222 милиони за Нејмар, тогаш Кристијан Ериксон чини барем 225 милиони евра“, изјавил Леви.

Со своите 25 години, како и другите клучни играчи на Тотенхем, Ериксен е во најдобрите години, а самиот Данец, кој има договор со Тотенхем до 2020 година, претходно беше позитивен за врската со Барселона.

„Секогаш има шпекулации за фудбалерите и јас секако сум еден од нив. Барселона е голем клуб и мислам дека има малку фудбалери кои би кажале не на Барса“, изјави Ериксен за данскиот весник „Екстра бладет“.

„Викингот“ Ериксен ја замолче „Зелената армија“ (видео)

Scroll to Top