Првиот ден од неделата во светот на спортот го обележа одлуката на Судот за спортска арбитража (ЦАС) драстично да ја намали казната што на Манчестер сити му ја изрече УЕФА. Наместо парична казна од 30 милиони евра и забраната за настап во европските купови во наредните две сезони, Манчестер сити ќе треба да плати 10 милиони евра.
На „Итихад“ се презадоволни од одлуката на ЦАС, додека бројни луѓе од светот на фудбалот велат дека со својата одлука судот од Лозана и задал жесток удар на УЕФА и правилото за финансиски фер-плеј.
Спортскиот уредник на Би-би-си Ден Роан рекол дека „ова е најдобриот резултата на Манчестер сити оваа сезона.“ Тој дополнил дека одлуката на ЦАС „го нарушува кредибилитетот на правилото на УЕФА за финансиски фер-плеј.“
Неговиот колега Сајмон Стоун вели дека ова е голема победа на Манчестер сити и дека го оправдува оптимизмот на Пеп Гвардиола по мечот со Брајтон одигран во саботата. И тој како и Роан смета дека одлуката го урива концептот на УЕФА за финансиски фер-плеј, но ја урива и идејата за еднаквост меѓу клубовите.
Поранешниот фудбалер Гери Линекер смета дека по оваа одлука правилото за финансиски фер-плеј нема да опстане.
„Не верувам дека УЕФА ќе закрепне од оваа одлука на ЦАС“, рекол Линекер.