Севилја со гол во 88 минута си обезбеди ново полуфинале во за нив омиленото натпреварување, Лигата на Европа.
Фудбалерите предводени од тренерот Лопатеги го победија жилавиот Вулверхемптон со 1-0 благодарение на голот на Окампос со глава по асистенција на Банега во 88 минута од мечот.
Премиерлигашот има за што да жали затоа што во 13 минута Раул Хименез не реализираше пенал.
Тимот од Андалузија доминираше во продолжение, создаде и неколку убави прилики за гол, а онаа на Окампос им обезбедува полуфинале и дуел со екипата на Интер.
На вториот меч од четвртфиналето меѓу Шахтјор Доњецк и Базел немаше неизвесност затоа што украинската екипа доминираше во сите 90 минути и не им остави можност на Швајцарците да се понадеваат на нешто повеќе.
Шахтјор преку Мораеш поведе уште во втората минута, а веќе по 22 минути (стрелец Тајсон) на семафорот стоеше 2-0 во корист на „портокаловите“.
На 3-0 зголеми Алан Патрик од пенал во 75 минута, а четвртиот погодок за тимот од Доњецк беше дело на Додо во 88 минута.
Единствено што Базел успеа да стори на овој меч беше да постигне почесен погодок. Тоа го стори Ван Волфсфинкел во 92 минута за конечни 4-1.
Шахтјор е пред голем предизвик во полуфиналето, оди на двобој со Манчестер Јунајтед.