Барселона го победи Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ со 1:0, со што направи џиновски чекор кон пласманот во полу-финалето во Лигата на шампиони. Мечот беше решен со авто-голот на Лук Шо, а еден од деталите што ќе се памети е и стартот на Крис Смолинг врз Лионел Меси.
Играчот на Манчестер Јунајтед, неколку пати пред дуелот, изјави дека знае како може да го сопре Меси, а начинот го демонстрираше по половина час игра.
Во дуел, со лактот, Смолинг успеа да му „пушти“ крв на Аргентинецот. Токму оваа повреда ги загрижи сите во Барселона.
„Силниот удар резултираше со хематом“, го информирале клупските доктори тренерот Ернесто Валверде.
Шпанските медиуми „АС“ и радио „КОПЕ“, објавија дека на Аргентинецот не му бил скршен носот, туку дека му се инфицирала раната на окото.
Сигурно е дека Меси нема да игра в сабота, во првенството против Уеска, а во наредните денови ќе биде познато дали ќе може да настапи во вторник, кога ќе се одигра реваншот помеѓу Барселона и Манчестер Јунајтед.