Top Sport

Ол Ингланд клуб – славна историјa со темни дамки

Последниот ден од секој Вимблдон, по завршување на машкото финале, е резервиран за победникот на турнирот да се појави со пехарот на балконот на Ол Ингланд Клабот и од таму да биде поздравен од бројната публика која е собрана под балконот. На патот од ВИП влезот на Централниот стадион до балконот, победникот треба да изоди долг спирален низ од скали, на чиј крај го пречекува некој од кралското семејство – последниве години тоа се принцот Вилијам и принцезата Кејт Мидлтон. И така е со години, или поточно во последните „три века“, откога се игра Вимблдон, започнувајќи во далечната 1877. година.

Меѓутоа, малку се знае за историјатот на Ол Ингланд Клабот, кој е сопстеник на тревнатите терени и е домаќин на најпознатиот и најстар гренд-слем турнир од четирите кои се оддржуваат секоја година. Ол Ингланд Клабот е основан во 1868. година, и до 2016-та бил под патронат на кралицата Елизабета Втора, која таа улога ѝ ја предала на принцезата од Кембриџ, Кејт Мидлтон. Претседател на клубот е Војводата од Кент, принцот Едвард.

Иако во Лондон постојан многу најразлични клубови, Ол Ингланд Клабот важи за најпрестижен клуб,не само на островот, туку во целиот свет. Затоа, да се стане негов член преку пополнување апликација за членство е многу тешко, и, во шега се коментирадека полесен начин е или да го освоите вимблдонскиот турнир, или да се омажите за некој принц од кралевската фамилија. Тоа значи дека член на овој клуб по автоматизам станува секој победник на Вимблдон или успешна „голд дигерка“, која ќе вплови во брачни води со некој од принцевите.

Другиот, потешкиот начин, значи да имате многу пари, кои, повторно,немора ништо дазначат во реализација на желбата за членство. Пари, без јавен углед и општествен статус, кој високо ве рангира во класно поделенотоанглиско општество, се безвредни париво очите науправата на клубот. Од попознатитакви членови на клубот, се поранешниот гувернер на Бенк оф Ингланд, Мервин Кинг, поранешниот британски тенисер Тим Хенман и поп пеачот Клиф Ричард (тоа што Клиф Ричард бил осомничен за педофилија, не се смета за нарушен јавен углед, поради кој членството би му било прекинато).

Инаку, членството во Клубот е поделено во пет категории: полноправно, доживотно, почесно, привремено и привремено за јуниори. Вкупниот број на членови е ограничен на само 565, од кои 375 членови се од категоријата полноправни и доживотни членови. Правило на клубот е секој иден член да мора да биде предложен и поддржан од четири постојани и полноправни членови, кои се должни да достават препорака.

Сепак, и кога сето тоа успешно ќе се исполни, не значи дека сте постанале член. Во клубот постои листа на чекање од околу 1000 кандидати и таа со години не се намалила. Причината за тоа е што вкупниот број на членови, ограничен на 565, може да се намали само кога некој од членовите ќе почине и со тоа ќе се ослободи место за нов член од листата на чекање. Многу е мала веројатноста постоен член доброволно да го напуштил клубот и на тој начин да се прими нов член.

Од вкупната бројка, седумдесет се почесни членови, кои ги избира клубската комисија, и најголемиот дел од нив се поранешни освојувачи на Вимблдон или други луѓе кои дале свој значаен придонес за овој спорт.Сто и дваесет се привремени членови, кои, исто така, ги избира клупската комисија, а нивното членство се обновува секоја година.

Полноправните и доживотните членови го уживаат она што во клубот се нарекува „потполна привилегија“, како што се сопствено седиште на Централниот стадион и пристап до влезници, како и користење на клубските соджини, вклучително и право да се игра на најдобрите тревнати терени на светот, како и да се користи луксузната теретана, соблекувална и бањата изработена од скапоцен мермер. Останатите погодности вклучуваат и дружење со познати личности на клубот, како, на пример, со британската тениска звезда Енди Мареј, кој често навраќа во клубот на шолја чај или ручек.

Годишната членарина е само 500-тина фунти, што покажува дека финансиите не се проблем за клубот, колку престижот кој го има со тоа што важи за најекслузивен клуб во светот.

Сепак, славната традиција на Ол Ингланд Клабот има и црни дамки во својата историја. До 1951. на неговите терени не било дозволено да играат црни тенисери, а до 1952. година било забрането Евреин да постане член. Иако, денес формално такви пречки за членство во клубот нема, сепак,некои контроверзи раѓаат сомнеж дека клубот,можеби,сè уште не е имун на старите предрасуди.

Во разговорот кој го објавил во 2004. година Њујорк Пост со вимблдонската шампионката во двојки од 1956. година, Ангела Бакстон, која била со еврејско потекло, таа изјавила дека како победник на турнирот аплицирала за членство во 1957. година и цели 50 години била ставена на листа за чекање.

„Мислам дека антисемитизмот сè уште е присутен во Клубот“ –изјавила Бакстон во спомнатото интервју.

Ангела Бакстон починала во 2020. годинаи до крајот на живото не била удостоена да добие одговор на нејзиното барање да постане член на Ол Ингланд Клабот, на што, безсомнение, имала право како победничка на тенискиот турнир во Вимблдон.

Ненад Живановски

 

Scroll to Top