Дивок Ориги, белгискиот ас на Ливерпул го искористи слободното време по фудбалската пауза поради корона вирусот за да одговара на прашања на фановите, и неочекувано се дозна дека го добил своето име по легендата на НБА кошарката, Србинот Владе Дивац.
Меѓу бројните коментари, еден навивач побара „благослов“ неговото дете да го именува Дивок, и Ориги реши да го објасни потеклото на името.
„Знам некои луѓе кои веќе го направија тоа. Моето име е добиено од името на Владе Дивац, бидејќи моите родители го гледале како игра и малку го смениле името“, пишува Ориги.
Ориги е роден во Остенде, а неговото семејство е „фудбалерско“, така што изненадува интересот за кошарката. Неговиот татко, Мајк Ориги играл за Остенде и Генк, а настапувал и за нигериската фудбалска репрезентација, а тројца негови чичковци – Остин Одур, Џералд Ориги и Антони Ориги биле фудбалери во Нигерија.