Обвинението за хрватската фудбалска ѕвезда Лука Модриќ за лажно сведочење во случајот против поранешниот прв човек на Динамо Загреб, Здравко Мамиќ е отфрлено, јавува хрватскиот весник „Вечерњи лист“.
Обвинението е повлечено бидејќи е означено како „предвремено“, нешто што беше главен аргумент на одбраната на Модриќ – не може да има судски процес против хрватскиот капитен, пред пресудата за Мамиќ да биде правосилна. Мамиќ во јуни доби првостепена пресуда на 6 и пол години затвор поради нелегално извлекување на пари од Динамо Загреб. Тој има право на жалба, така што одлуката не е правосилна.
Модриќ беше обвинет дека во мај 2017 година на судот во Осиек лажно сведочел дека анексите во неговите договори, со кои се уредувала 50:50 поделба на секој трансфер со Мамиќ, тој ги продолжувал при секој нов договор.