Top Sport

Отпуштањето на Пјулис и „падот“ на британските фудбалски стручњаци

Вест Бромвич Албион го отпуштија Тони Пјулис откако клубот се најде на еден поен над зоната за испаѓање во Премиер лигата и е без победа во последните 10 меча.

„Бегис“ загубија со 4:0 дома од Челси во саботата, откако на стартот на сезоната победија на првите три меча, но оттогаш имаат четири ремија и седум порази. Поранешниот менаџер на ВБА, Гери Мегсон, кој беше помошник на Пјулис е преоден тренер.

„Овие одлуки никогаш не е лесно да се донесат, но се во интерес на клубот. Ние сме во бизнисот со резултати и од крајот на минатата сезона и почетокот на оваа, резултатите се навистина разочарувачки“, изјави претседателот на клубот, Џон Вилијамс.

ВБА играат со Тотенхем на „Вембли“ во сабота, по што имаат домашни мечеви со Њукасл и Кристал Палас.

Велшанецот Пјуис е дури петтиот менаџер од Премиер лигата кој добива отказ оваа сезона. Франк де Бур беше отпуштен од Кристал Палас по само 77 дена на чело на клубот, Крег Шекспир ја загуби работата во Лестер по само четири месеци и по потпишување на тригодишен договор во октомври, Роналд Куман беше отпуштен од Евертон истиот месец, а на крајот и Вест Хем решија дека треба да го отпуштат Славен Билиќ.

Само еден менаџер беше отпуштен во првата сезона од Премиер лигата во 1992/93, додека од август 1994 до август 1995 имаше 15 промени на менаџери (од кои 8 беа отпуштени). ВБА сега ќе го бара шестиот менаџер од 2011 година.

Оптуштањето на Пјулис само уште еднаш потврди дека британските тренери имаат тешка задача во Премиер лигата. Последната студија покажа дека од сезоната 1997/98 до почетокот на 2017/18, има дури 55 отсто помалку тренери од Обединетото Кралство и Ирска.

Осум од тренерите кои ја почнаа сезоната беа Британци или Ирци, но само четири од нив беа Англичани. Последен тренер од островите кој успеал да оствари топ 4 финиш бил Брендан Роџерс (кој доаѓа од Северна Ирска) со Ливерпул (втори во 2013/14). Во август 1997 година имало 11 англиски менаџери, четири Шкоти, двајца од Северна Ирска и еден од Република Ирска од 20 клубови.

ФАКТИ ЗА БРИТАНСКИТЕ ТРЕНЕРИ ВО ПРЕМИЕР ЛИГАТА

– Четири сезони (2017/18, 2016/17, 2013/14 и 2012/13) имало само по четири англиски тренери во Премиер лигата.

– Оваа сезона беше прва по 20 години во која немаше Шкотланѓанец на тренерското место, иако тоа се смени кога Дејвид Мојс седна на „жешкото“ столче во Вест Хем.

– Последен Англичанец кој остварил топ 4 пласман е Хери Реднап, кој во 2012 година ги донесе Тотенхем на четвртото место.

– Последен англиски менаџер во топ 3 е Сер Боби Робсон со Њукасл во 2003 година (трето место)

– Ниту еден англиски менаџер уште не ја освоил титулата од Премиер лигата, додека поранешниот шеф на Лидс јунајтед, Хауард Вилкинсон е последниот Англичанец со титула во старата „Прва дивизија“ во 1992 година.

ВБА го отпушти Тони Пјулис

Scroll to Top