Веројатно најпознатиот спортски бренд во светот, мадридски Реал, 2018 година ќе ја запише со златни букви во својата историја. Имено, оваа година, европските клупски титули ги освоија кошаркарите и фудбалерите на „кралскиот клуб“.
Претходно, три пати се случувало, во една иста година, и фудбалерите и кошаркарите да играат во завршните мечеви за шампионските титули, но никогаш не се случило и кошаркарите и фудбалерите во иста година да бида европски шампиони.
Во 1962 година и фудбалерите и кошаркарите биле поразени во финалните мечеви, две години подоцна во 1964, кошаркарите биле европски шампиони, но не и фудбалерите.
50 години подоцна, во 2014 година, фудбалерите ја освоија Лигата на шампионите, а кошаркарите се поразени во финалниот меч.
По три неуспешни обиди, четвртиот се покажа како среќен за Реал. Кошаркарите, на 19.мај, во Белград, на завршниот турнир во Евролигата, во финалето славеа над Фенербахче 85:80. Кошаркарите на Реал во Белград десетти пат станаа европски шампиони.
Шест дена подоцна, нивните колеги од фудбалската секција, во Киев, со победата над Ливерпул 3:1, ја освоија третата европска титула во низа, вкупно 13.во историјата на клубот.