Top Sport

Падот на Пол Погба: Милиони евра за црна магија, уцени и допинг

Сопствениците на Јувентус минатото лето му платија на Манчестер Јунајтед 48 милиони евра за трансферот, а потоа издвоија уште 11.500.000 евра годишно, бруто, за платата на Пол Погба, кој се врати во Торино.

Она што го добија од најплатениот фудбалер во Серија А во следните 13 месеци беа вкупно 150 минути на теренот, сагата за фрлање црна магија врз Килијан Мбапе, извештаи за судскиот спор против неговиот брат, Матијас, за изнуда и уцена, а на крајот е и шлагот на тортата, Погба падна на допинг тестот по мечот со Удинезе. Иронично е што Погба не играше на тој натпревар, беше резерва, а случајно беше избран да оди на допинг контрола. Сега е соочен со повеќегодишна суспензија од фудбалот, што може да значи и крај на неговата кариера.

Не е ни чудо што од Торино стигнуваат вести дека клубот започнал преговори за едностран раскин на договорот со 30.годишникот од Париз.

Времето ќе покаже дали Погба, повторно ќе игра фудбал, она што во овој момент е кристално јасно е дека малку кариери паднале толку ниско и толку брзо како неговата.

Како многу млад мораше да го напушти „Олд Трафорд“ поради „нулта толеранција“ што Сер Алекс Фергусон ја имаше кон починатиот менаџер на Погба, Мина Рајола, и неговото одбивање дури и да разговара за регрутирање играчи кои се дел од агенцијата на Рајола.

Погба се пресели во Јувентус за едно евро во 2012 година и мора да се каже дека клубот доби многу со него.

Во следните четири години, со десетката на грбот, Погба освои исто толку титули во италијанската лига, два купа и стигна до финалето на Лигата на шампионите, но Барселона беше подобра во 2015 година во Берлин.

Една година подоцна, во досега незабележана еуфорија (под ознаката #Погбек) и трансфер вреден 115.000.000 евра, Манчестер во пост Фергусон ерата го врати Французинот на „Олд Трафорд“, со што стана најплатениот фудбалер во Премиер лигата. Погба се врати во клубот за да биде предводник на „новиот Јунајтед“.

Мора да се каже дека проектот пропадна и Погба никогаш не стана она што требаше да биде во Англија, но неговите шест просечни сезони во Манчестер јунајтед изгледаат многу успешни во споредба со ситуацијата од неговото враќање во Јувентус.

За 150 минути на теренот во црно-белиот дрес има два настапи сезонава и двата од клупата. Макс Алегри не го искористи Погба во првото, но тоа го направи од 66. минута во второто коло со Болоња дома (1:1) и 62. минута на гостувањето кај Емполи во третото коло (0:2). Се чини дека тоа беше и збогување на Погба со „старата дама“.

Scroll to Top