Лукас Пакуета вели дека трансферот во Милан е остварување на неговиот сон, но признава дека му е малку страв да си замине од Фламенго.
Бразилецот доаѓа на „Сан Сиро“ во јануари откако Милан го договори трансферот, а сега пред својот последен меч за Фламенго, тој призна дека ќе биде тешко да се напушти Бразил, но дека има огромни очекувања.
„Благодарен сум на Фламенго бидејќи ме формираа како човек и како фудбалер. Ми дадоа шанса да го бркам мојот сон и многу работи се сменија, но клубот ќе остане во моето срце. Трансферот во Италија е остварување на сонот, но во моментов знам само да кажам ’грацие’ на италијански и морам да учам. Зборував со Кака, кој ми даде многу добри совети и ми ја објасни ситуацијата. Прво морам да ги завршам работите со Фламенго, па потоа патувам во Италија“, вели Пакуета.
Тој стана познат по својот танц по постигнувањето на гол, и беше запрашан дали ќе го продолжи тоа и во Италија.
„Кога ќе дадам гол секогаш сум многу среќен и ми се танцува. Нема да се сменам во Италија, а ќе видам како ќе реагираат. Ќе биде тешко да се натера човек како Гонзало Игуаин да танцува“, вели Пакуета.