Top Sport

Палас со два гола за три минути првпат излезе од зоната за испаѓање (видео)

Кристал Палас како да е претплатен на драматични завршници во Премиер лигата, откако тимот од Лондон успеа да се врати од негатива 0:1 и со два гола во последните пет минути да го совлада Ватфорд и првпат оваа сезона да излезе од зоната за испаѓање.

Оваа драматична завршница доаѓа само три дена откако во саботата имаа пенал во последните минути на дуелот со Бурнемаут, но Кристијан Бентеке го утна за мечот да заврши 2:2.

Гостите поведоа на стартот на мечот, откако во третата минута Дарил Јанмат налета на доброто нафрлање на Ричарлисон. Тој резултат беше актуелен до 87. минута, кога Том Клеверли доби втор жолт картон и Ватфорд остана со играч помалку.

Само две минути подоцна, Бакари Сако беше најсреќен во „карамболот“ во шестнаесетникот на гостите за израмнување. Но, тука не беше крајот, Џејмс Мекартур во 92. минута постигнува гол за Палас да ја заработи само четвртата победа во новата сезона.

Со оваа победа, Кристал Палас има 14 поени и излегува од „опасната“ зона првпат оваа сезона, откако 2017/18 ја започнаа со седум порази во низа. Борбата за опстанокот ќе биде „пеколна“ во Англија оваа година – зад нив се Вест Бром (13), Вест Хем (13) и Свонси (12), а пред нив Њукасл (15), Стоук (16) и Бурнемаут (16).

Scroll to Top