Милан со елиминацијата од Интер, во полуфиналето од Лигата на шампионите, ја заокружи неуспешната сезона. Тимот игра променливо во Серија А, се наоѓа на петтото место на табелата и извесно е дека нема да игра во Лигата на шампионите наредната сезона.
На „Сан Сиро“ веќе се подготвуваат за сезоната во Лига Европа. Спортскиот директор, Паоло Малдини, подготвува реконструкција, летово клубот треба да го напуштат 11 играчи, пренесува „Газета дело спорт“.
Прв на листата е ветеранот Златан Ибрахимовиќ, кој поради разни повреди речиси и да не играше оваа сезона. Швеѓанецот најверојатно ќе се пресели во Монца. На трансфер листата се најде и Дивок Ориги. Белгиецот не успеа да се наметне, откако минатото лето како слободен играч пристигна од Ливерпул.
На оваа листаг е и голманот Ципријан Татарушану, Анте Ребиќ, Жуниор Месијас, Астер Вранккс, Јакине Адли, Фоде Бало-Туре, Антонио Миранте и позајмените играчи Сергино Дест (Барселона) и Тиемуе Бакајоко (Челси).
Според италијанските медиуми, веројатно е дека Милан од наредната сезона ќе има нов тренер.