Top Sport

Педри ја доби наградата „Копа“ за најдобар млад фудбалер и се заблагодари на Меси

Сосема очекувано, ѕвездата на Барселона, Педри Гонзалез  е добитник на „Копа“ наградата на „Франс фудбал“ како најдобар фудбалер под 21 година, по фантастичната сезона која ја имаше 19-годишниот тинејџер.

Педри, кој неодамна ја доби и наградата „Златно момче“ на италијанскиот весник „Тутоспорт“, дојде во Барселона од Лас Палмас во 2020 година за 5 милиони евра, и веднаш доби шанса од тогашниот тренер Роналд Куман, а потоа доби повик и од шпанската репрезентација.

„Не можев да играм многу во последно време поради повредата, така што ова е добра причина да се прослави. Благодарам на сите во Барселона и на Лионел Меси кои направија многу за мене“, изјави Педри при доделувањето на наградата.

Во една година, Педри одигра повеќе од 70 натпревари за клубот и за шпанската репрезентација, а неодамна го продолжи договорот со откупна клаузула од 1 милијарда евра. „Копа трофејот“, кој го носи името на поранешниот француски фудбалер Рејмон Копа, почна да се доделува во 2018 година, кога наградата ја доби Килијан Мбапе, додека во 2019 носител беше Ерлинг Халанд. Во 2020, целата церемонија на „Златната топка“ беше одложена поради пандемијата на КОВИД-19.

Scroll to Top