Пеп Гвардиола признава дека неговите фудбалери не се подготвени за напорниот распоред кој стартува при рестартот на Премиер лигата од утре, со мечеви секои три дена. Актуелните шампиони го отвараат вториот дел од сезоната против Арсенал утре по три месеци пауза, и физичката подготвеност на фудбалерите останува непознаница.
Гвардиола вели дека додека не почнат мечевите, не може да дава заклучоци.
„Подготвени сме за еден натпревар. Три дена потоа и четири дена потоа, за такво нешто не сме подготвени. Не само ние, туку сите клубови. Можете да одиграте меч по три недели одмор, но фудбалерите нема да ти се физички подобрени. Но, мораме да ја завршиме сезоната и да ја ограничиме финансиската штета за клубовите. Утре ќе го видиме нивото на кое ќе играме. Ние се подготвувавме три недели со групни тренинзи, а во Германија и Шпанија работеа пет-шест недели“, објаснува Гвардиола.
„Граѓаните“ исто така го објавија и новиот дрес кој ќе го носат по рестартот, на кој наместо вообичаениот спонзор „Етихад ервејз“ ќе ја промовираат новата кампања на клубот за добротворни цели, со која се надеваат дека ќе обезбедат барем милион фунти.