Жерард Пике и Иско ќе добијат посебна награда од Асоцијацијата за етичко третирање на животните (ПЕТА) откако спасија една птица во текот на натпреварот на шпанската репрезентација против Иран.
Малата птица се најде на теренот за време на мечот во Казан, и двајцата шпански репрезентативци го прекинаа мечот за да ја отстранат од теренот и да спречат таа да биде прегазена. Пике прво се обиде да ја крене птицата, која летна од неговите раце, пред Иско да ја фати и да ја изнесе надвор од теренот.
„ПЕТА ќе им оддаде почит на двајцата фудбалери за нежното ракување на малата птица од опасна ситуација. Ниту една игра не е поважна од нечиј живот и се надеваме дека нивниот херојски потег ќе ги охрабри сите да помогнат на животните“, се вели во соопштението на ПЕТА.
Тие ќе пратат две награди „Херој на животните“ во тренинг-кампот на шпанската репрезентација.