Тренерот на Милан, Стефано Пиоли вели дека дуелот од осминафиналето на Лига Европа против Манчестер јунајтед е дуел на клубови „со слична историја и традиција“.
Милан се намачи на патот до осминафиналето на Лига Европа, откако започна во квалификациските кола против Шамрок роверс на 17 септември, а пред да влезат во групната фаза мораа да ги елиминираат и Бодо/Глимт и Рио Аве. Јунајтед пак, влегоа во ЛЕ со испаѓањето од групната фаза во Лигата на шампионите.
„Јасно е дека имаме силен противник, престижен клуб со слична голема историја и традиција како нашата. Ќе биде тешко, но и многу мотивирачки да се покаже што се може против еден од најдобрите европски клубови“, вели Пиоли.
И менаџерот на Јунајтед, Оле Гунар Солскјер објави дека има „огромно почитување на Милан“.
„Целосна почит кон Милан. Традиција, историја, квалитет, вистински класа клуб“, изјави Солскјер.