Тренерот на фудбалерите на Милан, Стефано Пиоли, очекува тежок дуел против Тотенхем во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите. Пиоли смета дека овиј натпревар доаѓа во вистинско време за италијанскиот клуб.
Фудбалерите на Милан утре од 21 часот на свој терен играат против Тотенхем. Пред три дена „росонерите“ го совладаа Торино во 22.коло од Серија А и ја прекинаа серијата од четири порази во сите натпреварувања.
„Сите во клубот имавме тежок месец. Мораме да ја подобриме играта бидејќи Лигата на шампионите е натпреварување во кое грешките не се простуваат, а Тотенхем има силен тим. Ќе биде тешко, но натпреварот доаѓа во вистинско време за нас“, изјави Пиоли.
Тотенхем во саботата загуби од Лестер со 4:1 во Премиер лигата, додека менаџерот на лондонскиот клуб Антонио Конте се врати на клупата, по пауза поради операција на жолчката.