Босанскиот репрезентативец Миралем Пјаниќ ја коментираше одлуката на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина да одигра пријателски натпревар со Русија.
Босна и Херцеговина би била прва европска репрезентација која ќе игра против Русија од февруари, по отпочнување на агресијата против Украина. УЕФА и ФИФА ги исфрлија репрезентацијата на Русија и клубови од сите натпреварувања.
Пјаниќ, кој одигра 107 натпревари за Босна и Херцеговина, го искажа својот став по ова прашање.
„Ми се јави спортскиот директор на репрезентацијата Мисимовиќ и ми ја објасни можноста да го одиграм овој натпревар. Реков дека нема смисла во овој момент. УЕФА и ФИФА ја суспендираа Русија. Цел свет страда поради оваа ситуација и ние треба први да играме со нив? Не сакаме да оставиме таков впечаток. Немам ништо против руските фудбалери, но ако сите одбија да играат против нив, мораме и ние да ги следиме“, изјави Пјаниќ.