Top Sport

По фијаското во дербито, Евертон го отпуштија Силва, се подготвува кам-бек на Мојс

Евертон го отпуштија менаџерот Марко Силва по само 18 месеци на чело на клубот од „Гудисон парк“ по катастрофалниот старт на сезоната во Премиер лигата по кој „карамелите“ паднаа во зоната за испаѓање по болниот 5:2 пораз во градското дерби од Ливерпул.

Поранешниот напаѓач на Евертон, и тренер на првиот тим, Данкан Фергусон ќе биде привремен тренер за дуелот со Челси во сабота. Сите англиски медиуми тврдат дека поранешниот тренер Дејвид Мојс ќе се врати на чело на клубот, шест и пол години откако си замина за да стане краткотрајно тренер на Манчестер јунајтед.

„Главниот акционер Фархад Мошири, претседателот Бил Кенрајт и бордот на директори сакаат да му се заблагодарат на Марко Силва за неговите услуги и да му посакаат среќа за во иднина. Данкан Фергусон ќе биде именуван за тренер за дуелот со Челси, а клубот сака да постави нов постојан менаџер што е можно побргу“, се вели во соопштението на клубот.

Евертон во последните години инвестираше многу во фудбалери, носејќи ги Алекс Ивоби, Моисе Кин, Жан-Филип Гбамин и Андре Гомеш во својот тим во обид да се обезбедува попостојан престој во Европа. Силва лани ги предводеше до осмото место на табелата, но оваа сезона, тие имаат само четири победи и дури осум порази во последните 11 меча.

Scroll to Top