Фудбалерите на Ливерпул и Реал Мадрид имаат најголем број играчи во најдобриот тим од Лигата на шампионите за изминатата сезона. Имињата на најдобрите 11 по грешка се појавија ден порано од планираното.
Мадриѓаните имаа одлична сезона, на патот до новата круна во елитното натпреварување ги исфрлија ПСЖ, Челзи и Манчестер сити, а на крајот го победија Ливерпул.
Најдобриот тим на УЕФА обично го објавува на денот на ждрепката за групната фаза, што значи дека ова требаше да се случи утре во Истанбул.
Кога се во прашање најдобрите 11, на голот е голманот на Реал, Тибо Куртоа.
Последната линија од четири играчи ја сочинуваат Трент Александер-Арнолд (Ливерпул), Антонио Ридигер (Челзи), Вирџил ван Дијк (Ливерпул) и Енди Робертсон (Ливерпул).
Во средниот ред се Кевин де Брујне (Манчестер Сити), Фабињо (Ливерпул) и Лука Модриќ (Реал Мадрид).
Напаѓачкото трио го сочинуваат Килијан Мбапе (ПСЖ), Карим Бензема (Реал Мадрид) и Винисиус Жуниор (Реал Мадрид).
Интересно е што во нападот немаше место за две ѕвезди од претходното издание, Мохамед Салах и Садио Мане, кои летово се пресели во Баерн.
Во гласањето за најдобар тим од Лигата на шампионите учествуваа 23 луѓе од светот на фудбалот.
Кога станува збор за тренерите, за најдобар е избран Карло Анчелоти од Реал Мадрид.