Top Sport

По „лудото“ прво полувреме, Челси само со реми против Барнли (видео)

Борбата за местата кои водат во Лигата на шампионите од англиската Премиер лига дополнително се искомпликува, откако ниту Челси не успеа да освои три поени во дуелот со Барнли, одигрувајќи само 2:2 на „Стемфорд бриџ“.

Откако овој викенд загубија Тотенхем (1:0 од Манчестер сити), Манчестер јунајтед (4:0 од Евертон) и Арсенал (2:3 од Кристал палас), „Сините“ имаа шанси со три поени вечерва да се постават во „пол-позиција“ за пласман во ЛШ.

Наместо тоа, по возбудливото прво полувреме со четири гола, Челси мораше да се задоволи со поен, со кој се на четвртото место на табелата со 67 поени пред дербито со Манчестер јунајтед следниот викенд. Сегашната ситуација е ваква: Тотенхем се трети со 67 поени (34 одиграни меча), Челси се четврти со 67 поени (35 одиграни меча), Арсенал се петти со 66 поени (34 одиграни меча) и Јунајтед се шести со 64 поени (34 одиграни меча).

Џеф Хендрик во осмата минута со убав удар од работ на шестнаесетникот го шокираше Кепа Аризабалага за водство на Барнли, но Челси за само две минути направи пресврт. Н’Голо Канте по фантастичната акција на Еден Азар во 12. минута израмни, пред Гонзало Игуаин со исто така многу убав гол во 14. минута да донесе водство за „сините“. Меѓутоа, во 24. минута, Ешли Барнс израмни за Барнли, кои потоа успеаја да го издржат притисокот на домаќините за 2:2 реми.

Scroll to Top